Карате клубот „Макпетрол” е основан на 5.3.1997 година и постои десет години. За овие десет години од своето постоење Клубот стана најтрофеен клуб во Р.Македонија и како таков, влезе во историјата на карате спортот. Неговите членови се стандардни репрезентативци на Македонија во сите селекции од пионери до сениори, учесници се на многубројни спортски натпревари, како што се интернационални турнири, балкански, европски и светски првенства и станаа носители на врвни спортски резултати. Карактеристично за К.К. „Макпетрол” е тоа што секогаш има два тима, односно се натпреварува и во женска и во машка конкуренција од пионери до сениори во дисциплините кати и борби. Претседател на Клубот е г. Мирослав Чадиковски. За стручниот дел на поставеноста и функционирањето на натпреварувачкиот дел од Програмата на Клубот, сите овие години е задолжен Бошко Заборски, кој, наедно, е и тренер на Клубот и селектор на Македонската сениорска репрезентација. Повторно и за својата десетгодишнина од постоењето Карате клубот „Макпетрол” генерално е најуспешен клуб во Македонија за 2007 година и десет години по ред го носи приматот најуспешен клуб на државните првенства во генерален пласман за спортисти од пионери до сениори.
Поважни спортски резултати за изминатите десет години се:
- Државни првенства: 120 златни медали, 100 сребрени медали и 105 бронзени медали.
- Има освоено над 300 медали, натпреварувајќи се на големи интернационални турнири, на кои учествуваа над илјада спортисти од десет до шеснаесет држави на секој турнир.
- Од балканските првенства се освоени вкупно 65 медали, од кои: седум златни, 25 сребрени и 33 бронзени.
- На светскиот куп во Мишколц се освоени две бронзени медали.
- Освоен е еден бронзен медал 2001 година на Светското првенство за јуниори и кадети во Атина.
- Две бронзени медали од Првенството на Југоисточна Европа 2006 година.
- Еден сребрен медал од Универзитетското европско првенство во 2007 година.
- На повеќе наврати се остварени пласмани на седмо и на петто место од европски и од светски првенства.
- Во екипна конкуренција женскиот тим десет години е на прво место, додека сениорите 2003 година станаа први во Првата македонска карате лига за мажи.
Секако дека овие спортски резултати не би биле ни оддалеку на вака високо ниво да не беше големата поддршка што ја добива Клубот од Управниот одбор на Компанијата „Макпетрол” и од претседателот Андреја Јосифовски.
горе 
|