За Макпетрол

За Макпетрол


Со вкупно 126 станици со современа понуда на производи и услуги, Макпетрол располага со најголемата мрежа од бензински станици во Република Македонија. Покрај тоа, во производите и услужните дејности на нашата компанија имаат доверба и многубројни деловни клиенти, оператори на возни паркови, шпедитерски и транспортни компании, обата македонски аеродрома и индустриски субјекти со различни дејности.

Уште од основањето пред близу седум децении, Макпетрол отсекогаш бил предводник во примената на новитетите во погонските горива, во унапредувањето на квалитетот на своите производи, како и во воведувањето на алтернативни погонски горива кои придонесуваат за поголема заштита на животната средина. На тој начин, во сите овие години ние успеваме да ја задржиме лидерската позиција во дистрибуцијата и прометот со нафтени деривати во Република Македонија.

Преку нашата современа лабораторија којашто работи според најстроги светски стандарди, ние обезбедуваме постојаност на квалитетот на нашите горива, исто како и преку редовната контрола и врвната техничка изведба на инфраструктурата на нашите бензински станици. Во 2008 година ја отворивме и фабриката за биодизел гориво со годишен капацитет од 20.000 тони, со што уште еднаш укажавме на нашата посветеност во примената на обновливи извори на енергија.

Сите услуги ги реализираме преку нашите, близу 1.800 работници, во сите оперативни подрачја на нашата компанија, почнувајќи од прометот и дистрибуцијата на нафта и нафтени производи како наша основна дејност, преку нашите стручни лица во бројните застапништва на светските марки, па сé до услужниот персонал во нашите ресторани, кафулиња и маркети во кругот на бензинските станици.

Со нашите високо поставени стандарди успеваме да постигнеме конкурентност и на регионално подрачје, преку нашите филијали Петролмак во Република Грција и Макпетрол-Београд во Република Србија.

Повеќе подружници оперираат во групата Макпетрол, како специјализирани субјекти во своите области: Макпетрол Пром-Гас како компанија специјализирана за снабдување со природен гас, Оилко за транспорт и дистрибуција на нафтени деривати, ГА-МА за пренос и управување со преносот на природен гас, како и националната телевизиска куќа Телма. Покрај тоа, во нашето портфолио се и застапништвата на најреномираните светски марки, меѓу кои Honda, Dell, Goodyear  и Nolan.